СеВоЕдно web за Вас
 085 383 380
 info@sevoedno.com


Се во Едно WEB за Вас

Жива туршија    ☰    3449 посети



Назад     Сочувај за споредба

Италијанска ПИЦА

Состојки
Тесто:
500g брашно тип 500
10g квасец
2 ч.л. сол
½ ч.л. оригано 
2 с.л. млеко
1 жолчка од јајце
2 с.л. маслиново масло
250ml вода
Сос:
лупени домати од конзерва
зачини: сол, црн пипер, босилек, темјан
Горен дел:
сирење моцарела
свежи печурки
шунка (или друг вид на месо по избор)
Приготвување на тестото за пица
Во длабок сад ставете го брашното, квасецот, солта и ориганото. Додајте ги млекото, жолчката од јајце и маслиновото масло. Бавно додавајте ја водата, притоа постојано мешајќи. Месете го тестото сè додека не почне да се одделува од ѕидовите на садот и од рацете (5-7 минути). Потоа прекријте го садот со крпа и оставете го да отстои 2-3 часа на собна температура. За ова време, тестото ќе го удвои својот волумен.
Приготвување на сосот за пица
Не користете свежи домати или кечап. За приготвување на сосот, испасирајте лупени домати од конзерва и зачинете ги со сол, црн пипер, свеж босилек и темјан (по вкус). Наместо домати од конзерва, можете да користите домашен доматен сос.
„Редење“ на пицата
Премачкајте го дното и страните на плехот за печење со малку масло. Земете дел од тестото во форма на топка, и не се обидувајте да го сукате, туку ставете го директно во центарот на плехот. Со прстите нежно притискајте го тестото, полека растегнувајќи го од центарот кон страните на плехот.
Важно: треба да добиете тенка кора. Иако состојките се предвидени за 2 пици, во зависност од големината на вашиот плех, можеби ќе треба да употребите помалку тесто.
Основна почетничка грешка при правењето на пица е ставање на преголема количина состојки. Овде важи правилото „колку помалку – толку повеќе“, т.е. треба да користите помалку состојки. Во спротивно, тестото нема да може да се испече и ќе биде живо, а пицата ќе биде „течна“.
Премачкајте го тестото со сосот од домати. Слојот треба да биде проѕирен, како на сликата. Врз сосот распоредете парчиња од моцарелата. На крајот распоредете ги свежите печурки и производ од месо по избор (шунка, чаен колбас, кулен итн.). Уште еднаш нагласуваме – не претерувајте со состојките!
Рерната треба да биде претходно загреана на максимална температура со вклучен горен и долен грејач. Ставете ја пицата да се пече. Времето на печење изнесува 5-10 минути. Ќе знаете дека пицата е готова кога тестото ќе добие златна боја.
Откако ќе ја извадите, врз пицата ставете неколку ливчиња свеж босилек и послужете ја. Добар апетит!

265 посети
12/1/2010
Сочувај за споредба